Сведоштво на новинарка за тепањето на Села: Додека го влечеа, оставаше крвави траги

Сведоштво на новинарка за тепањето на Села: Додека го влечеа, оставаше крвави траги

Една од новинарките кои на 27 април лани беа во Собранието, денеска во судница ги препозна лицата кои го тепале Села. По нецела година од насилните протести, таа раскажа што се случувало во законодавниот дом попладнето кога Талат Џафери беше избран за претседател на Собранието.

„Бевме во прес центарот, каде Зоран Заев и Џафери требаше да имаат заедничка изјава. По изјавата во салата беа вклучени двата телевизора, на едниот од нив Тв Нова прикажуваше со дрон што се случува пред Собранието и така видовме дека луѓето влегуваат”, рече новинарката. Според неа, се создала тензична атмосфера кога почнале да се слушаат извици. Обезбедувањето ја затворило вратата, но наеднаш влегле разгневени луѓе кои се втурнале кон Заев, Џафери, но и кон Зијадин Села.

,,Пратениците застанаа во десниот ќош, а новинарите во левиот”, кажа новинарката според која на сите страни летале предмети па дури и дрва кои со себе ги носеле луѓето што извикувале: ,,Ја предадовте Македонија!”.

Новинарката во својство на сведок, денеска раскажа дека ударите и навредите највеќе биле упатувани кон Села:

,,Го маваа најмалку шест луѓе со се’ што ќе стигнеа. Тој се уште беше во стоечка положба, но се клатеше. Потоа падна на колена и мислам дека тоа им беше поттик да продолжат да го удираат. За кратко тој веќе беше паднат на земја со главата на подот. Тој не оддаваше знаци на живот, не се бореше”, кажа новинарката.

Додека се слушале извици ‘Го убивте!’ еден од насилниците го фатил Села за косата. Новинарката забележала дека целото негово лице е крваво, слика од која извесен период по настанот, таа имала флешови.

Некој извика ‘Носете го!’ по што почнаа да го влечат – додаде новинарката. Таа денеска во судница препозна дел од лицата, но другите не можеше да ги препознае бидејќи имале маски на главите и се сеќаваше само на нивната гардероба. На барање на обвинителот, Судот дозволи таа да го погледне фото албумот кој е материјален доказ во постапката, по што таа препозна уште неколку лица. Одбраната пак, реагираше на ова бидејќи доказот се уште не е изведен.

,,Нозете му се влечеа и оставаше крвави траги. Не знам каде го однесоа бидејќи јас останав во прес центарот”, рече новинарката откако продолжи испрашувањето. Рече дека се јавила во редакција и кажала дека Села најверојатно е убиен, но да не објавуваат. По ова, во судницата се слушна смеа, на што судијката реагираше дека доколку има коментари од страна, ќе има исклучување од судњето.

Новинарката рече дека откако излегла од прес центарот, новинарите биле евакуирани во канцеларијата на пратеникот од ВМРО ДПМНЕ, Ѓорчев кој информирал дека Села е во критична состојба.

Пред новинарката, во судницата сведочеше друг сведок кој раскажуваше како помагал во изнесуцањето на Села. Како што и претходно објавивме, се работи за Антонио К. кој е вработен во Јавното претпријатие за државни патишта, кој кажа дека по инцидентот бил деградиран на работното место.

 

Треба да знаете
Последни објави