Заев денес на судење за случајот „Поткуп“
Денес треба да се одржи ново рочиште за случајот во кој е обвинет премиерот Зоран Заев, „Поткуп“.
Во Кривичниот суд предвидено е исказ денеска да даде Иван Николов Сачевалиев кој на претходното рочиште на 6 март, не присуствуваше бидејќи не бил уредно поканет. Треба да бидат прегледани и доказите и ЦД-та.
Во случајот „Поткуп“ Зоран Заев е обвинет дека како градоначалник на Струмица барал поткуп од околу 160.000 евра од струмичкиот бизнисмен Иван Николов Сачевалиев за легализација на градежно земјиште.
Премиерот на претходното рочиште на 6 март изјави дека не се чувствува виновен. Заев рече дека е убеден дека во судската постапката ќе се разобличи обвинението против него конструирано во периодот кога беше лидер на опозицијата.
Тој побара судот да овозможи пристап на јавноста во сите докази кои ќе бидат приложени на рочиштата. Го замоли судот и што е можно побрзо да се закажуваат судските рочишта. Според него, доколку се прикаже снимката целосно во јавноста, ќе се докаже дека тој апсолутно немал намера да прими поткуп.
Судијата Дарко Тодоровски одлучи снимките прикажани на Јутуб да бидат прифатени како доказ.