Заменик Претседателот на Владата задолжен за европски прашања, Бујар Османи, денеска во просториите на Секретаријатот за европски прашања оствари средба со Амбасадорката на Украина во нашата земја, Наталија Задорожњук.
Соговорниците заеднички се согласија дека односите помеѓу Македонија и Украина се исклучително добри, потенцирајќи дека двете земји една во друга гледаат искрен пријател и имаат заеднички евроатлантски аспирации.
Во однос на европските перспективи, Вицепремиерот Османи потенцираше дека Владата останува посветена на ЕУ Агендата и дека напорно работи на реформите, а се со цел искористување на новиот позитивен бран во ЕУ во корист на проширувањето на Унијата со земјите од Западен Балкан. Во насока на позитивните меѓусебни односи, Османи истакна дека Македонија ѝ стои на располагање на Украина за споделување на нашето долгогодишно искуство во процесот на стабилизација и асоцијација.
За време на разговорот соговорниците заеднички се заложија за унапредување, пред сè, на економската соработка, трговската размена и обемот на инвестиции, имајќи предвид дека сегашната размена е далеку од потенцијалите за економска соработка на двете земји.