Tрагедијата што неодамна се случи во Домот за деца „25 Мај“, кога 13-годишно девојче беше приморано да абортира, откако забременила по сексуално злоставување, го сврте вниманието на јавноста кон прашањето за нефункционалноста на овие институции.
Системските пропусти и проблемите со кои се соочуваат штитениците на овие домови, не се воопшто непознати, а долги години наназад, се чини како да се игнорираат решенијата кои би го подобриле животот на децата во овие установи и конечно би се зајакнал и кадровкиот потенцијал, кој сепак е круцијаен.
Речиси да не постои дете во овие институции кое не се соочило со дискриминација, физичко насилство, а многу често има и жртви на некој облик на сексуално злоставување.
Повеќе од очигледно е дека е потребна подобра соработка меѓу сите институции и ввоспоставување на систем кој ќе ги штити децата од социјален ризик.
Во таа насока, министерката за труд и социјална политика, Мила Царовска, најави процес на деинституционализација. Реформа која овозможила подобар индивиуален пристап кон секое дете и подобра грижа
-Процесот на деинститционализација на установите кои згрижуваат деца е во фаза на реализација на активностите кои се предвидени во Акцискиот план. Предвидени се конкретни чекори за обезбедување на простор, човечки ресурси и финансиски средства за воспоставување на алтернативни форми за помош , поддршка и згрижување на сместените деца, преку отворање на мали групни домови, станбени единици за самостојно живеење со поддршка и специјализирани згрижувачки семејства. Стратегијата ќе биде усвоена на почетокот на април, а до средина на оваа година ќе почнат првите сместувања на децата од установи во надлежност на државата, во мали групни домови, каде ќе живеат во атмосфера поблиску до семејната и ќе се ангажира и дополнителен стручен кадар за активна работа со децата. Паралелно, во соработка со УНИЦЕФ се работи на проширување на мрежата на згрижувачки семејства во земјава, велат од Министерството за труд и социјална политика.
Трансформација на Домовите на хартија уште од 2008 година
Ваквиот начин на функционирање на Домовите за деца без родители е предвидено со Стратегијата на Министерството донесена уште во 2008 година, која предвидува „нови вонинституционални форми на заштита и преку трансформација на постојниот систем на институционална заштита“.
Процесот на деинституционализација подразбира активности за подготвување на корисниците сместени во установи за нивно враќање во биолошките семејства, или сместување во некоја од формите на вонинституционална заштита на локално ниво (згрижувачко семејство ,дом семејство или мал групен дом). Преку развој на овие форми на заштита на локално ниво ќе се намали бројот на корисници сместени во установи од една страна и ќе се превенира потребата од нови сместувањаво установи, од друга страна, стои во стратегијата.
Згрижувачките семејства како најхуманата форма која е најблиска до биолошките семејства, згрижуваат деца во своите семејства, по претходно помината обука за згрижувачи и склучен договор со центарот за социјална работа. За тоа, добиваат надоместок од државата, месечно од 6.500 и 8.000 денари за трошоци за згрижувањето.
Трансформацијата на установите кои згрижуваат деца ќе се реализира согласно потребите за заштита на децата во форма која ќе биде најблиска на семејната средина и ќе одговара на најдобриот интерес на децата.
СОС детско село е успешен пример кој илустрира во која насока се одвива деинституционализацијата во делот на мали групни домови, посочуваат од министертсвото.