Во минатото било сосема нормално, да се живее заедно со родителите. Се случувало и во една соба да седат повеќе семејства. Но, како времето оди напред така и работите се менуваат.
Денеска младите брачни парови, сакаат сами да си бидат домаќини и сами да си живеат без никој да им се меша. Ниту родителите од една, ниту од друга страна.
Но, сепак секој со свои можности.
Младите сепак, имаат поделени мислења, и покрај тоа што поголемиот дел од нив сакаат свој, самостоен живот. Некој на животот во заедница гледа како привилегија, а некој како хендикеп.
На оваа тема, многу се зборува по форумите, а најчесто е коментирана од жените, младите домаќинки. Некои сакаат за почеток да живеат заедно со родителите, додека да се осамостојат, да има кој да им ги ува децата, да не плаќаат дадилка или градинка, да ги делат трошоците, но има и такви кои се одлучни од самиот старт да живеат сами.
Еве што велат младите во врска со оваа тема:
-Живеам во поголема заедница, во ссемејна куќа, каде само една соба е посебна за потесното ни семејство. Кујната и тоалетот се заеднички. Трошоци за комуналии – плаќаат родителите, исто и храната во принцип е нивен трошок – готви свекрвами за сите – по нејзина желба и иницијатива.
Да, има кој да ти го погледа детето дури јадеш, или се тушираш, или мораш итно да излезеш. И, да, детето од мало е научено на луѓе, галама, соживот и толеранција. Ама, детето гледа и прима повеќе различни однесувања, карактери…
-И ние живееме во некој вид заедница – поткровјето од куќата на маж ми го адаптиравме во помало станче, но кровот го делиме со свекор ми, свекрва ми и девер ми. За нас е апсолутна привилегија (делиме сметки, секој втор ден шетаме, биејќи свекрва ми ја чува малата, често пати знаеме и да заглавиме до покасно бидејќи на свекрва ми спалната и е еден спрат подоле – не е страшно во кое време и да се симне ќе продолжи да си спие, имаме разбирање околу бука и галама и сл.), но само затоа што имаме разбирање и добра комуникација. Дали ќе биде хендикеп или привилегија сметам дека зависи од самите луѓе и взаемниот однос…
-За мене и едната и другата ситуација имаат свои предности. Сам според мене е најубаво, не сум тип кој може да трпи се и сешто, од карактери до навики. Доволно сум си комплицирана самата, па не ми треба свекор или свекрва да ми додаваат интриги во животов. Поготово што моите свекор и свекрва се стари и немоќни, би требала и нив да ги чувам. Роб да бидам немам намера, ниту пак перница за плачење. Си имам јас мои проблеми, доволни ми се. За чување бебе, ене кај се, кога сакам можам да ги викнам. За сметките во нашава ситуација, ако зборуваме хипотетички дека би живееле со свекор и свекрва во заедница, ние би го влечеле подебелиот крај.
Ако има слога, може да се постигне убав живот во заедница, сепак не е тоа за мене.
-Јас не знам кое е поубаво. И во заедница и посебно, се си има и добра и лоша страна. Од една страна да си заедно е предност тоа што има кој да ти готви, обврските низ дома се поделени, а исто и трошоците за сметки и за храна, ама пак се нема комоција,слобода….додека пак да бидеш сам предност е тоа што сакаш си зготвиш, што сакаш си купиш нема кој да ти се меша, да ти соли памет, ама ете пак и сам мораш да плаќаш за струја, за вода, за кабелска, мастрав за дома сам да си купиш, и немаш помош од никого. Ние живееме посебно, уште пред да направиме свадба се одделивме, и не знам затоа што немам никаква помош, понекогаш викам можеби во заедница е поубаво, ама па кога ги гледам тие комшиките стално кукаат од свекрви си се тешам подобро што сум сама…