Една жена пилотира со хеликоптер на МВР: Како е да се работи на 2.500 метри
Возбудливо е да се работи на 2.500 метри, вели единствената жена – пилот на хеликоптер во Министерството за внатрешни работи на Република Македонија. Кавадарчанката Весна Петреска има 28 години и работи меѓу 15 колеги-мажи. За МИА вели дека во оваа доминантно машка професија дури и во светски рамки, таа воопшто не се чувствува дискриминирана, ниту обесхрабрена. Нагласува дека е рамноправна со колегите кои и даваат поддршка и со респект гледаат кон неа.
– Многу луѓе се чудат затоа што сум пилот. Затоа што според нив, за женско било типично да биде стујардеса, но не и пилот. Така всушност и започнува мојата животна приказна. Порасната сум во средина која смета дека кога се во прашање воздушните летала, женско може да биде стујардеса. Отсекогаш имав желба да бидам горе во височините, но како мала дури и самата не верував дека еден ден можам да бидам пилот. Верував дека ќе бидам стујардеса, ама важно ми беше да летам, да бидам горе во височините, открива Петреска.
По двегодишна обука, има дозвола за управување со два вида хеликоптера. Во помалиот летаат максимум пет луѓе, а петнаесет во поголемиот. Има и плус двегодишно официјално работно искуство. При акција, во хеликоптерот се претежно двајца пилоти со две команди за управување. Како пилот работи во Скопје, во одделението за воздухопловни единици – хеликоптерска единица за полициски намени.
– Постоеле пречки и при самата селекција и обука, имаше и такви кои не веруваат дека женско може да биде пилот и дека може да постигне. На некој начин можеби се чувствуваа загрозени затоа што влегуваш сепак на некој начин на нивна територија. Меѓутоа амбициите, храброста, да се постигне да се работи тоа што се сака, сепак, треба да бидат водилка кон замислените цели кои сакаме да ги постигнеме, децидна е оваа девојка пилот. Доколку повторно се роди, вели, дефинитивно повторно би ја одбрала оваа убава професија.
Вели дека не се плаши и дека безбедноста е на највисоко ниво.
МИА