Давидовски со дводневен тест на Мизано на влажна и сува подлога
Виктор Давидовски заедно со неговиот PSS Racing тим го подигна автомобилот и веднаш се упати кон патеката Мизано близу Римини за прв тест и подетално запознавање со автомобилот Honda Civic Type-R TCR.
Времето е кратко до стартот на првата трка на патеката Пол Рикар во Франција, па затоа неизбежно е да се тренира и тестира интензивно.
Како дел од неговиот тим и оваа година, присуствувавме на подигањето на автомобилот, како и на тестот, па затоа можеме да ви пренесеме информации од прва рака, директно од Мизано.
“Прекрасно е чувството. Очекував дека ќе бидам возбуден, но не до волку. Имам посебна почит за брендот Honda, па затоа после моделот EP3 Type-R со кој се тркав во српскиот шампионат, одлучив да набавам токму Honda за продолжувањето на мојата кариера во Европската TCR Серија.
Поминавме два дена на Мизано со механичар кој ни го обезбеди JAS Motorsport. Првиот ден се соочивме со константни и интензивни врнежи од дожд. Сите во мојот тим се запознававме со автомобилот и подготвувавме стратегии за понатаму. Не сме нови во тркањето, продолжуваме со истиот пристап како и претходно, само менуваме категорија на тркање.
Беше доста проблематично бидејќи првиот ден врнеше, но како и да е, вториот ден тестирав на сува подлога и сум презадоволен поради тоа што имавме различни услови на возење. Се соочувавме со “детски болести”, но тоа е нормално кога се соочувате со нов автомобил и нова категорија која по ништо не е иста од досегашните што сум ги возел.
Единствен начин да го решите проблемот е да се соочите најдетално што е можно со него, за да можете да го решите. За се во животот е така, па и во тркањето. Даваме се од себе и очекуваме добри резултати во иднина.” – изјави Давидовски.
Првата трка во Европската TCR Серија ќе се одржи на 6-ти мај на патеката Пол Рикар, на југот од Франција.