Мохамед Салах е во мода, кога е фудбалот во прашање. Веднаш почнаа и приказните дека го посакува Реал Мадрид, но Ливерпул пресече од почеток, цената е 230 милиони евра, која наводно е одредена со цел да ги одбие потенцијалните заинтересирани страни, а околу наводните понуди од Сити и Јунајтед од Ливепрул не размислуваат.
Салах ја освои Англија, но и светот, скромното, добро момче од Египет игра фантастичен фудбал, постигна 28 погодоци во Премиер лигата и забележа 9 асистенции.
Кога ќе ја погледнеме целата сезона, настапите за клубот и репрезентацијата на Египет, Салах на 46 натпревари постигна 40 погодоци и запиша 12 асистенции.
Оваа статистика го прави најдобар на светот, веднаш зад Роналдо и Меси, секако не сметајќи го Нејмар кој се повреди.
Воодушевувањето е големо, во Ливерпул се чувствуваат како да добиле на лотарија, а на Клоп не му смета да признае дека не го сакал Салах.
Имено, тој го посакувал Брандт од Леверкузен, а управата на Ливерпул едвај го натерала да го доведат Салах од Рома за 40 милиони евра.
Сега, сигурно дека на Клоп му е мило што ја послушал управата, но ќе мора да се бори да го задржи на „Енфилд“.
Реал Мадрид се почесто се поврзува со доведување на овој одличен офанзивец, а ако во некое „лудо“ сценарио тој дојде на „Сантијаго Бернабеу“, сигурно би станал најскапиот играч на сите времиња.
Останува да видиме како ќе се одвиваат работите до лето, а после овој потег на Ливерпул, ако Реал и понатаму не се откаже и ја понуди споменатата сума, тогаш би можеле да бидеме сведоци на нов трансфер рекорд, откако ПСЖ го доведе Нејмар за 222 милиони од Барселона.