МВР поднесе кривична пријава против екс градоначалникот на Кривогаштани
Поранешниот градоначалник на Општина Кривогаштани, 48 годишниот Т.З., заработи кривична пријава поради сомневање за сторено кривично дело „злоупотреба на службена положба и овластување“. Според СВР Битола во периодот од 2013 до 2016 година Општина Кривогаштани склучила повеќе договори за набавка на гориво од приватна фирма. На 05.09.2016 година Општината склучила договор и со друг оператор. Но наместо само за службени потреби според СВР Битола од бензинските пумпи гориво ставале и лица кои воопшто не работеле во Општина Кривогаштани.
„Пријавениот не се придржувал на склучените договори и дозволувал и овозможувал да се става гориво на бензинска пумпа да се става и за други возила. Бензинските пумпи го фактурирале горивото на сметка на општината. Т.З. им дозволувал на вработениите во Општина Кривогаштани да ставаат гориво во сопствените возила, а тоа било фактурирано на сметка на општината што е спротивно на општиот колективен договор“, вели Сања Стаматова, портпарол на СВР Битола.
На овој начин била направена материјална штета на Општина Кривогаштани од над 200.000 денари, а во корист на трети лица.