Протест пред Влада за случајот Алмир
Животот на Алмир згасна, но правда за него мора да има. Ова го порача мајката на 4 годишното дете кое почина откако мерцедес кој го возеше кумановецот Бобан Илиќ удри во него. На денешниот протест кој се одржа пред владата, пред стотици присутни мајката на Алмир, Миџивере Касуми рече дела обвинителството го убило нејзиниот син по втор пат.
„Овде не сум само за Алмир, за мојот Алмир. Овде сум за сите загрозени деца од тој криминалец, кој сега е на слобода. На обвинителката Кусигерска и кажувам дека немам потреба од нејзината милост, од неа барам правда за мојот син. За мојот син кој ти го уби по втор пат. Но, правдата по втор пат еден ден ќе дојде а убиецот повеќе нема да биде мирен“, рече Касуми.
Организаторите на протестот здружението „Правда за Алмир“ најави дека ќе поднесе кривични пријави против обвинителката која го води случајот, Сузана Кусигерска за тоа што го преквалификува делото од убиство со умисла, во тешки дела во сообраќајот. Бараат одговорност од невропсихијатрите кои го изработиле вештачењето врз обвинетиот Бобан Илиќ а поради кое тој доби полесно дело. Разрешување и оставка очекуваат од целиот колегиум на јавното обвинителство на чело со државниот обвинител Љубомир Јовески.
„Нема правда нема мир“ се скандираше пред владата каде организаторите на крај побараа присутните да ги остават детските играчки на оградата за да и покажат на власта за кого треба да работи. На врвот на оргадата се најде и знамето на Албанија, но по кусо време беше тргнато од таму. Протестот помина без инциденти, освен што од полицијата информираат дека е приведено 22 годишно момче кое било дел од група која каменувала автобус.
Инаку вчера министерот за правда Билен Салији си поднесе оставка од морални причини поради случајот со Алмир. Претходно овој случај ги раскара и обвинителите па четворица јавно кажаа дека се против одлуката за преквалификација на делото, а Јовевски им одговори дека се поттикнати од други причини.
Алмир беше прегазен после бизарна расправија меѓу татко му и Илиќ за ред во здравствениот дом во Куманово.