Во рамки на предвидениот законски рок, заврши откупот на тутун од реколтата 2017-та. Откупот започна на 15 ноември во 2017 година, а заврши на 15 март 2018 година. Од регистрираните 9 откупни компании, на терен откуп вршеа 8 претпријатија. На еден правен субјект не му се дозволи вршење на откуп на тутун поради необезбедени финансиски средства за исплата на целокупната договорена и откупена количина на тутун од тековната реколта.
Од страна на откупните тутунски претпријатија по општини и населени места пријавени се вкупно 146 откупни пунктови и тоа за редовен откуп на суров тутун во лист од реколта 2017 година. При тоа откупени се вкупно 23.559.122 килограми тутун, со просечна откупна цена од 217,60 денари за килограм. Откупениот тутун е во целост исплатен.
Од откупениот тутун, од типот Јака се откупени 2.447.601 килограми, со просечна откупна цена од 212,93 денари за килограм, а од типот Прилеп се откупени 21.111.455 килограми со просечна откупна цена од 218,14 денари за килограм.
Согласно Програмата за финансиска поддршка во земјоделството, се воведе нов модел во три нивоа за субвенционирање на тутунот, со што е опфатен и тутунот од реколтата 2017. Односно, субвенцијата за прва класа изнесува 80 денари за килограм и тоа е првото ниво, за втора класа 70 денари, и третото ниво е 60 денари со субвенција за трета и четврта класа, како и за дополнителните класи. Воедно наскоро се очекува да се донесе и новиот Закон за тутун и тутунски производи, со кој што се укинува поднесувањето на евидентните листови.