Каде ќе работат 1.600-те вработени според Рамковниот договор

Каде ќе работат 1.600-те вработени според Рамковниот договор, ќе одлучува Владата наредната недела, на седница на која ќе ја разгледа изготвената предлог распределба на овие лица кои со години примаат плата од буџетот, а не одат на работа.

 

Ова вчера го изјави министерот за информатичко општество и администрација Дамјан Манчевски, кој исто така информира дека до крајот на следната недела ќе се објави и вкупниот број на вработени кои примаат плата преку буџетот, како и други детали околу тоа за кои е заинтересирана јавноста.

Според Манчевски, никој од вработените според Рамковниот договор не го одбил понуденото работно место. Како што претходно објасни, оние кои ќе ја одбијат понудената работа до новата понуда ќе чекаат на трансфер-листа. Со последните измени на три закони ним сега може да им се даде работа не само во администрацијата, туку во целиот јавен сектор, што значи може да бидат работно ангажирани во училишта, градинки, здравствени установи, јавни претпријатија…

Инаку, учествувајќи на работилница “Предизвици во реформите во јавната администрација#, што вчера во Скопје ја организираше Сигма, заедничка иницијатива на ОЕЦД и ЕУ, тој рече дека се носи стратегија за реформи на јавната администрација. Со реализација на таа стратегија ќе се подобрува транспарентноста во нејзиното работење и ќе се воведуваат ИК технологии за подобри услуги на граѓаните. Инаку, стратегијата е правена во соработка со меѓународната заедница, која делумно ќе го финансира нејзиното реализирање, паралелно со средства од буџетот.

Инаку, извештајот на Сигма за периодот 2015-2017 година укажува на влошување на состојбата на администрацијата минатата година, пред се поради политичката криза. На конференцијата е забележано дека последниве месеци работите се подобруваат пред се поради зголемената транспарентност на јавните набавки, со укинувањето на Советот за јавни набавки. Но, има забелешки на нетранспарентноста при поставување на високите владини функционери.

Треба да знаете
Последни објави