
Саркози демантирал дека незаконски била финансирана неговата кампања и ги отфрлил информациите за финансирањето од Либија, сето тоа опишувајќи го како „гротескно“.
Поранешниот француски претседател Николас Саркози е обвинет во средата навечер во рамките на истрагата за либиското финансирање на неговата изборна кампања за претседателските избори во 2007-ма година, се дознава од судски извори.
Саркози, кој што ги негира обвинувањата, обвинет е за „пасивна корупција, илегално финансирање на изборна кампања и затајување на либиски јавни средства“, прецизираше судскиот извор за француските медиуми.

Притворот за поранешниот француски претседател кој што беше одреден во вторникот, завршен беше во текот на вчерашниот ден после вкупно 26 часа. Сепак, француските медиуми тврдат дека иако станува збор за долг судски процес, можеби ова ќе биде единствената добра вест за Саркози, со оглед на тоа што речиси сигурно ќе заврши зад решетки.
Правосудната истрага против Николас Саркози започнала во 2013-та година откако интернет медиумот „Медиапарт“ објави информации дека режимот на поранешниот либиски претседател Моамер Гадафи ја финансирал кампањата на Саркози во 2007-ма година со околу 50 милиони евра.

Саркози веднаш демантираше дека неговата кампања била финансирана со либиски пари на поранешниот режим на Гадафи, а сето тоа го опиша како „гротескно“.
Николас Саркози беше претседател на Франција во периодот од 2007-ма до 2012-та година, а интересно е тоа што веднаш на почетокот на својот претседателски мандат во 2007-ма година, тој во официјална посета го прими токму Моамер Гадафи.



