Патриотски протест во Скопје во пресрет на доаѓањето на Коѕијас

Патриотски протест во Скопје во пресрет на доаѓањето на Коѕијас

Да престанат преговорите со Грција за името и Македонија да влезе во меѓународните институции под меѓународното име – ова е пораката што денеска преку протестен марш ја упатија неколку граѓански здруженија. Во пресрет на доаѓањето на грчкиот министер за надворешни работи, Никос Коѕијас тие порачаа дека протестираат против негаторите на македонскиот народ и идентитетот.

„Не може Коѕијас да доаѓа и да глуми пријател, а да бара да се делигитимираме самите себеси пред светската јавност. Треба веќе еднаш јавно да му се каже вистината – дека тие се окупатори на македонска територија. Извршија геноцид на македонскиот народ. Македонците нема да се откажат од своите браќа и сестри кои живеат во Беломорска Македонија“, изјави претседателот на Семакедонскиот национален совет Македониум, Страшо Олумчев.

Демонстрантите го започнаа протестот во 11 часот пред Порта Македонија, каде рекоа дека решението за излез на Македонија од кризата го има претседателот, Ѓорѓе Иванов. Според нив, премиерот Зоран Заев не е легитимен и ги прекршил гаранциите кои му ги дал на Иванов при преземањето на мандатот за формирање на владата.

Тие се упатија кон Министерството за надворешни работи, каде побараа средба со министерот, Никола Димитров:

„Побаравме прием кај министерот Димитров, тоа не ни е  дозволено да го направиме. Оваа зграда, зградата на МНР треба да биде гордост на Македонија, од овде тргнува комплетната македонска дипломатија, а наместо тоа ние за министер добивме еден што се испроба на многу функции. Најбитно е Никола да биде министер! Нивната политичка реторика е убиствена за Македонија. Никола Димитров на кого ќе правиш референдум и на чиј идентитет?“.

Организаторите на протестот, Семакедонскиот национален совет „Македониум“, Христијанското братство и здружението „Тврдокорни“ здружени во една организација „Народен фронт за спас на Македонија“ најавија нов протест кај Порта Македонија со почеток во 17 часот. Тие протестираат по повод доаѓањето на Никос Коѕијас во Скопје, кој доаѓа придружен од голем број грчки новинари кои ќе го следат неговото пристигнување, како и средбите во Скопје со неговиот македонски колега Никола Димитров, со премиерот Зоран Зеев, претседателот на Собранието Талат Џафери, лидерот на ВМРО-ДПМНЕ Христијан Мицкоски како и со претседателот на ДУИ Али Ахмети.

Треба да знаете
Последни објави