Генералштабот на Армијата на Република Македонија информира дека денеска, околу 09.55 часот, во касарната „Кузман Јосифовски-Питу“ во Тетово, двајца професионални војници на АРМ биле повредени од огнено оружје.
Имено, според првичните информации, при чистење на митралез бил испукан еден куршум при што со прострелни рани во надколеница и подколеница биле повредени професионалните војници М.Ј и В.Ш.
Веднаш по настанот војниците биле пренесени во Јавната Здравствена Установа во Тетово каде им биле утврдени скршеници на коските и по првичното санирање на повредите биле префрлени на хируршка интервенција во Клиничкиот Центар „Карил“ во Скопје.
Двајцата војници се во стабилна состојба, надвор од животна опасност. Надлежните органи од МВР и АРМ работат на целосно расчистување на случајот, а за резултатите од истрагата јавноста дополнително ќе биде известена, информираат од Генералштабот.