Се отвори улица во населба Пржино, жителите стравуваат за своите домови
Утрово се лизна дел од улицата “Пандо Кљашев” во населна Пржино. Половина од коловозот падна во градежната парцела која ја направил инвеститор со градежна машина. Ова се случило рано утрово околу 6 часот, па за среќа немало никој на местото и нема повредени. Инвеститор и изведувач на градежните работи е „Хантерс – Скопје”, со одобрение за градба. Поради опасност од нов одрон, полицијата го огради просторот па неколку семејства останаа без пристап до домовите.
Жителите кои ги затекнавме на местото велат дека порано на ова место не им давале да градат повеќе од приземје и еден кат. Апелираат да се престане со узурпирање на овој простор оти доколку се продолжи да се гради, ќе им паднат куќите врз глава. Жителите рекоа дека просторот на кој сега се гради зграда им служел како паркинг и повеќе од 50 години на него не било дозволено да се гради.
„Овде на ова место требаше да се гради зграда од 5 ката. Поради градежните активности кои овде се вршеа со огромни машини ни распукаа ѕидовите од куќите. Еве гледате и денес сликата зборува се. Сега не можеме да поминуваме од овде, па вртиме низ други улици. Се плашам дека еден ден ѕидовите ќе ни паднат и ќе не поклопат. Апелираме до оние кои се одговорни за ова да дојдат и да видат што се случува овде и итно да се престане со несоодветни градби на вакви места“, ни изјави жител на населба Пржино.
Жителите велат дека пријавиле и во полицијата и во општина Кисела Вода и додаваат дека се навеваат дека ќе се слушне нивниот апел и ќе се запре со изградбата на предвидената зграда како што им било ветено од општината.
Извор: мкд