Иако постојано се зборува дека карциномот се лекува доколку се открие навреме, за жал, сè уште постојат предрасуди кои само ја зголемуваат бројката на карциноми откриени во напредни стадиуми.
Карциномот на грлото на матка се открива едноставно со редовни гинеколошки прегледи. Иако постојано се зборува и апелира еднаш годишно да го посетите вашиот гинеколог, статистиките не се менуваат.
Според едно истражување, најчестата причина зошто жените ги одложуваат редовните гинеколошки прегледи е СТРАВОТ. Неоправданиот страв најчесто е последица на погрешни верувања и предрасуди кои жените ги имаат. На пример, страв од непознато, болести, непријатниот преглед. Други, пак, сметаат дека се здрави и немаат симптоми, а со тоа и не треба да одат на гинеколог.
Катерина е од Скопје, која има 43 години, мајка на две деца. Таа откако се породила со своето второ дете, никогаш после тоа не отишла на гинеколог. И како што вели, не дека немала потреба, но и било срам.
-Мислев дека не е ништо страшно. Не сметав дека баш таква болест ќе ме фати мене. Никогаш не отидов на редовен преглед. Често ми се случуваше да имам по некој проблем, но ете, стравот и срамот преовладуваа, се до еден момент кога морав. Се разбудив рано наутро за на работа, и осетив голем проблем. Сопругот веднаш ме одведе на лекар. И тоа беше, од онаа што најмногу се плашев. Ми беше дијагностициран карцином. Не знаете, како да ми се скрши целиот свет врз глава. Прколнував, зошто баш јас. Мајка на две малолетни деца, на кои многу сум им потребна. Имав едвај 40 години. Уште многу живот пред себе. Не се предадов. Се лекував. Користев се што ќе ми кажеа. Бев и во странство на операција. Примав и хемотерапија. Сега и кажав збогум на оваа одвратна болест. Да не му се појави на никој. Никој да не почувствува ни на себе ни на своите најблиски. Јас се мачев, се мачае и моите. Децата се плашеа дека ќе ја изгубам мајката. Не сакаа ниту за миг да се одделат од мене. Сите се молевме заедно за да се излечам, раскажува Катерина.
Катерина упатува голем апел до сите жени, да одат редовно на гинеколошки преглед. Еден преглед од десеттина минути, може многу да чини во животот. Спасете си го животот. Направете си го, да ви биде подолг и поубав. Кажете им ЗБОГУМ на болестите.