
Италијанската амбасада во Тунис добила анонимна порака во која што било наведено дека постои опасност од терористички напад во Рим.
Наводно, римските власти го вклучиле алармот поради Тунижанецот Матлути Атеф за кој што се верува дека е радикален исламист кој е подготвен да изврши бомбашки напад во италијанската престолнина.
Како потенцијални мети на 42-годишниот исламист биле наведени трговски центри, ресторани, римските метро станици и главните туристички атракции.
Како што пренесува британски „Експрес“, италијанската полиција го евакуирала популарниот трговски центар „Ринаскенте“ нешто после 15:00 часот по локално време.

Тоа се случило откако италијанскиот весник „Масаџеро“ примил повик во кој што се тврдело дека бомба е поставена во автомобил недалеку од трговскиот центар, по што улиците биле блокирани, а на лице место пристигнале припадници на полицијата и специјалната единица за деактивација на бомби.
Исто така уште еден трговски центар од истиот ланец бил евакуиран во северниот дел на Рим поради безбедносни причини.
За време на вчерашниот ден бројни единици на анти-терористичката полиција биле распоредени во Рим поради информацијата дека осомничениот екстремист е на слобода и се подготвува да изведе бомбашки напад во италијанската престолнина.

Дипломатското претставништво во Тунис ја алармирало Врховната команда на италијанските „Карабињери“ во Рим, по што, како што пренесуваат италијанските медиуми, бил огласен алармот за највисок степен на ризик од терористички напад.
Исламистот Атеф од поодамна им бил познат на италијанските безбедносни служби како дилер на дрога и извршување на „ситен“ криминал.



