Интервју на 24 Инфо со , Ѓоко Котевски Директор на КПУ Затвор-Скопје:Kако функционер кој раководи со ова установа, се грижам да ја одржам состојбата на установата достојна за престој и живот во неа.
24 инфо мк :Покрај тоа што сте кратко време на функција Директор на КПУ Скопје, во какви услови го затекнавте затворот, популарно наречен Шутка?
-КПУ ЗАТВОР СКОПЈЕ- Скопје е во добра состојба. Истата секојдневно се подобрува. Како функционер кој раководи со оваа установа се грижам како установата би се одржала во состојба која е достојна за престој и живот во неа. Во преговори сме и со други државни институции, невладини организации, меѓународни организации со мисија во Р. Македонија, како и со општествено одговорни компании кај кои постои интерес за донирање на средства и ресурси заради подобрување на условите во затворот. Се надеваме дека позитивните резултати од мојата посветеност и посветеноста на вработените во установата во остварување на зацртаните цели ќе се покажат во многу скоро време.
24 инфо мк :Постојат ли корумпирани затворски чувари, и на кој начин планирате да го спречите криминалот во затворот?
-Од моментот кога сум назначен на оваа функција најодговорно и професионално ја превземав и таа законска обврска да ги спречам евентуалните противправни дејствија на затворската полиција. До сега, освен во изолирани случаи каде што е постапено спротивно од работните задачи и обврски на припадниците на затворската полиција и по истото е спроведена дисциплинска постапка во зависност од тежината на неуредноста, односно престапот, други противправни дејствија кои повлекуваат и евентуална кривична одговорност не се забележани.
24 инфо мк :Јавноста зборува дека затворот Шутка тоне во долгови по сите можни основи, односно долгови за струја, вода и греење?
Не би можел да ја негирам оваа Ваша информација. КПУ ЗАТВОР СКОПЈЕ- Скопје се соочува со милионски долгови, секако во денари, како во поглед на долгови за струја, вода, греење, комунални услуги и друго. Во постапка сме на преговарање со надлежните институции како би обезбедиле дополнителни средства од веќе постоечките заради покривање на барем дел од овие долгови, како и нивно плаќање на рати, како установата би останала “на цврсти нозе” и како на лицата кои издржуваат казна затвор, лицата во притвор така и на вработените во установата да им се обезбедат загарантираните и пропишани услови за престој, односно работа.
24 инфо мк :Точно ли е дека поради огромниот долг кон добавувачите за храна, затворениците се хранат со тенка супа за ручек, со нешто што наликува на чорба, наспроти припошаните 150 месо по оброк?
Овие Ваши тврдења ги негирам во целост. Имено, од моето назначување за Директор на оваа установа секојдневно вршам контрола на секој оброк кој им се сервира на лицата кои издржуваат казна затвор како и на притворените лица, односно како на квалитетот така и на пропишаниот квантитет. Обезбедени се доволен број на количини на храна, истата професионално се приготвува по сите стандарди, и досега не сме имале поплака во тој поглед. КПУ ЗАТВОР СКОПЈЕ- Скопје се залага лицата претходно наведени, да ги добијат сите услови за престој кои се загарантирани со позитивните законски и подзаконски акти, како и меѓународи конвенции.
24 инфо мк :Во јавноста се шпекулира дека се крши законот во делот на пропишаното време за шетање на притворениците, кое е скратено само на половина час поради големиот број притвореници?
Оваа информација, како и што рековте, е шпекулација и истата не е ниту вистинита, ниту издржана. Првично, бројот на притворени лица во КПУ ЗАТВОР СКОПЈЕ- Скопје не е фиксен, и истиот се менува од ден во ден. Секое притворено лице согласно Правилникот за куќен ред за извршување на мерката притвор во притворските одделенија на затворите донесен од Министерство за правда на Р. Македонија има загарантирано право на најмалку два часа шетање на свеж воздух и тоа право никому не му е ускратено. Секоја информација која го говори спротивното е на ниво на шпекулација и начин да се наруши угледот и репутацијата на установата.
24 инфо мк :Постои недостиг од образовни и рехабилитациски активности, ограничена здравствена заштита и лоши материјални услови. Со кои активности ќе започнете за реализција на овие недостатоци?
Морам да бидам искрен и да признаам дека рехабилитациските активности се драстично намалени, и тоа е процес на уназадување кој траел со години наназад, а е резултат на неажурноста и непрофесионалното раководење на установата од страна на Директорите назначени од страна на претходната власт. Во овој момент, се трудиме да го зачуваме она што останало и да ги унапредиме сите ресурси како на лицата кои овде престојуваат би им била овозможена рехабилитација која би резултирала со успешен процес на ресоцијализација на секој поединец.
За таа цел се превземаат сет мерки согласно акциониот план, како би обезбедиле еден конструктивен режим т.н. окупационен третман со што би се исполнил денот на осудените лица со многу корисни содржини во функција на нивна успешна ресоцијализација.
Прв чекор е во правец на рестартирање на сите постоечки работни капацитети како што се браварската и столарската работилница, отворање на нова берберска работилница како би се овозможило непречено работно ангажирање на осудените лица и нивно стручно оспособување за одредени занаети, што во голема мерка би им помогнало за нивно поуспешно реинтегрирање во општеството по издржување на затворската казна.
Остварена е и комуникација со Министерството за образование за реализација на проект кој постои во рамките на самото министерството а се однесува на образование на возрасни преку одржување на курсеви за обука како што се курсеви за изучување на англиски јазик и курсеви за компјутерски вештини.
Секако акцент е ставен и на физичкото воспитување и на културно уметничките активности за која цел се предвидува доопремување на фитнес просторијата со нови спортски реквизити, а во соработка со Министерство за култура во завршна фаза е проектот кој предвидува групна посета на осудените лица на театарски и кино претстави како и посета на музеи.
Во поглед на здравствената заштита, истата е на највисоко ниво. КПУ ЗАТВОР СКОПЈЕ- Скопје има вработени лекар од примарна здравствена заштита, стоматолог и медицински персонал, како и обезбедено услуги од психијатар. Истите се во постапка на превземање без објавување на јавен оглас од страна на ЈЗУ “Здравствен дом”- Скопје, и во иднина сите КПУ и ВПУ ќе ги користат услугите на оваа установа.
24 инфо мк :Вистина ли е дека бројот на вработени е ист од времето кога во притвор имало двојно помалку притвореници, со што практично работниот ангажман на вработените е дуплиран?
Не се согласувам со Вашата констатација. КПУ ЗАТВОР СКОПЈЕ- Скопје располага со доволен број на припадници на затворската полиција кои се во секој момент подготвени да одговорат на работните обврски без разлика на бројот на лица кои моментални издржуваат мерка притвор. Јас, како раководно лице на установата се залагам тој број да расте и да се дообезбедат кадри со соодветен степен на образование и подготвеност како би можеле да одговорат на предизвиците кои оваа работна позиција ги носи,а со цел одржување на безбедноста на највисоко ниво.
24 инфо мк :Колку Вашата функција што ја обавувате во моментов влијае на вашиот приватен живот и во секојдневието?
Работата ја извршувам професионално и според сите пропишани законски норми и стандарди. Нормално е, работата е од таква природа која наложува строго почитување на сите пропишани правила и раководење на установата со највисок степен на професионалност. Не исклучувам можност за понатамошно влијание во приватниот живот на функцијата која ја обавувам, не знаеме што утрешниот ден носи, но досега истата не ми се одразила негативно во приватниот живот и секојдневието.