Милевски: Ме нападнаа поради изгласувањето на законот за јазиците
Претседателот на ЛДП, Горан Милевски, вчера на плоштадот „Македонија“ беше нападнат од страна на непознато лице додека зборувал на својот мобилен телефон.
Милевски е без сериозни повреди, но смета дека овој напад кој доаѓа по протестите пред домовите на одредени пратеници од владејачкото мнозинство треба да се сфати мошне сериозно.
– Сметам дека нападот што се случи вчера е поради нервозата што доаѓа од изгласувањето на законот за употреба на јазиците. Не можам да коментирам дали е организирано сето ова, вклучувајќи ги и протестите пред домовите на пратениците, но во секој случај треба да се сфати сериозно, вели за „Макфакс“ претседателот на ЛДП, Горан Милевски.
Непозната личност се доближи до мене, ме турна, почна да ме удира со тупаници по главата. Успеа да ме удри неколкупати по што го тргнав од себе. Во тој момент останав присебен и не возвратив на нападот, добро е што избега, раскажува Милевски.
„Макфакс“ дознаваат од блиски извори од Јавното обвинителство дека сторителот се гони за кривично дело „напад на службено лице“ согласно Кривичниот законик.