Министрите демантираат погрешно направени пресметки од администрацијата
Високите трошоци во износ од по неколку илјади евра, за угостителски услуги кај некои од министрите, се должат на погрешно направени пресметки на административните службеници. Со потписот на министрите одобрувани се трошоци направени во бифеата за сите раководители во институцијата, а вкупниот износ е претставен како службен трошок на функционерот.
Во идентична насока беше и образложението на министерот за култура Роберт Алаѓозовски. Тој изјави дека е дезинформација веста во јавноста дека потрошил речии 9.000 евра за угостителски услуги и дека во наведениот износ не се издвоени неговите лични трошоци, кои рече, не надминуваат 6.000 денари месечно, од кумулативните трошоци во рамки на целото министерство. Во однос на минатата влада најмалку за три пати се рационализирани трошоците за патувања во странство, а најмалку за два пати во однос на трошоците надвор од објектите на министерството.
Со образложение излезе и министерот за економија Крешник Бектеши. Кој според алатката за отчетност на трошоци е на второ место по дневници исплатени во странство, по трошоци за мобилен телефон но и по вкупните угостителски услуги. Според него, причина за високите угостителски трошоци се високите цени во бифето на институцијата кое не е нивно. Неколку пати до сега барале раскинување на договорот.
Министерот Поповски најави дека со развивање на софтверот на алатката, во иднина, покрај сите трошоци на увид ќе бидат доставени и сметките, како и фактурите преку кои ќе може да се види кои угостителски објекти најмногу биле посетувани.