Снимката за наводниот поткуп на Заев денес пред јавноста ќе се отвори во судница

Снимката за наводниот поткуп на Заев денес пред јавноста ќе се отвори во судница

Снимката за договарање на наводен поткуп која е дел од доказниот материјал во постапката во која му се суди на премиерот Зоран Заев, денес треба да биде пуштена во судница на рочиште кое ќе биде отворено за јавноста. И покрај тоа што снимката е обезбедена со примена на ПИ-мерки, на барање на премиерот Заев и неговиот адвокатски тим, судијата Дарко Тодоровски кој ја води постапката донесе одлука и медиумите да бидат присутни во судница додека се гледа целата снимка. Претходно делови од снимениот материјал, беа објавени на Јутјуб.  

„Извршувам висока политичка функција, а снимката веќе беше јавно објавена. Но, објавени беа само делови, а не целосниот видео материјал. Ќе го замолам судот за јавна презентација на овие снимки, бидејќи само на тој начин ќе можам да повратам дел од мојата изгубена чест и углед која е нарушена со објавување на видео материјал кој не требало да излезе во јавноста”, рече на минатото рочиште во судница премиерот Заев.

Ваквиот предлог беше прифатен, а судењето презакажано за денес кога се очекува во судница да биде пуштена целосната снимка за наводно договарање на поткуп.

На денешното рошиште, според најавите на судот, исказ треба да даде клучниот сведок, бизнисменот од Струмица, Иван Николов Сачевалиев кој тврди дека Заев му побарал поткуп.

Според обвинителството Заев во својство на градоначалник на Струмица во 2013 година побарал поткуп од струмичкиот бизнисмен Иван Николов од приближно 160.000 евра за приватизација на градежно земјиште.

 

 

Треба да знаете
Последни објави