Податоците на Државниот завод за статистика велат дека е зголемена просечната нето плата, а причина поради тоа е зголемувањето на минимална плата на 12.000 денари.
Надлежните го донесоа овој Закон и се убедени дека сите ја земаат таа плата.
Се вртат муабети дека некои работодавачи на своите вработени им пуштаат по 12.000 денари, а потоа им бараат дел од таа сума да ја вратат назад. Но, има и такви на кои воопшто и не им се пуштаат, туку добиваат олку колку што ќе заработат.
Зорица, веќе дваесет години работи во чевларска индустрија. Досега има сменето повеќе фирми, но како што вели, во таа гранка условите секаде се исти. Исти плати, иста работа.
Законот за минимална плата сепак не важи за сите. Законот е донесен, некаде и функционира, но во чевларството не. Има ли дупка и во овој закон, се прашува таа.
-Најчудно е тоа што, газдата, во банка ни пушта плата колку ќе заработиме. Платени сме од час. Јас минатиот месев бев на боледување ( неплатено) и земав плата само 5000 денари. Никогаш досега немам земено 12.000 денари. Ниту јас, ниту моите колеги. Често знаеме да се собереме на состанок и да прашаме, но никогаш не добиваме одговор зошто е тоа така. Каде е Законот, каде се надлежните. Зарем никој не гледа што се случува. До кога оваа индустрија ќе биде најзапоставена и најмизерно платена, вели Зорица.
Слична ваква приказна имаат и другите нејзини колеги од други фирми. Велат дека, ниту минимална плата, ниту К-15, ниту пак платено боледување и годишен одмор. Препуштени на милост и немилост на работодавачи.
Често кога ќе се пожалат во јавност се осудувани, да ја напуштат работат или пак да го пријават. Но, како што велат сите се исти.
Тие бараат од надлежните, барем малку да ја заштитат оваа индустрија и вработените, да ги добијат потребните услови за еден нормален живот, па макар и со една минимална плата.