Комисија за европски прашања во Собранието, ќе одржи јавна расправа за законот за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
Основната цел на овој предлог-закон, според законското образложение, е департизација и професионализација на јавниот радиодифузен сервис и регулаторното тело, Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги.
На дебатата ќе присуствуваат членови од Владата, претставници од медиумите и порталите, новинарски здруженија и невладини организации.
Според образложението поднесено од Владата, постоечкиот Закон за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги не ги исполнил своите цели за обезбедување на независен, отчетен и транспарентен јавен радиодифузен сервис, како и транспарентно и независно регулаторно тело во областа на медиумските услуги. Законското образложение се потпира и на Извештајот на Прибе во делот на медиумите, според кој, сите медиуми мора да бидат ослободени од политички притисок.