На седница на Владата поминаа измените на Законот за ловство и на Законот за рибарство и аквакултура, со кои се овозможува поедноставување на целата процедура за полагање на ловечки испит и испитите во делот на рибарството.
Со измените на двата закони, се укинува електронскиот начин на полагање на ловечкиот испит и испитите за рибочувари и за вршење стопански риболов. Комисиите за полагање на испитите ќе организира полагање во градовите од каде што доаѓаат кандидатите, со што се намалува финансиското оптоварување на кандидатите.
„Дополнително, нема да има временски рок за полагање на испитот, односно истиот ќе се полага во текот на целата година. Измените на законите важат и за досегашните апликации за испити. Ова е едно нашите ветувања кои се содржани и во Програмата на Владата“, информираше министерот за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски на социјалната мрежа „Фејсбук“.