Унапредување на трговската размена со Велика Британија и инвестиции на англиски компании во македонското земјоделство беа дел од темите на состанокот во Лондон, помеѓу македонскиот министер за земјоделство, шумарство и водостопанство, Љупчо Николовски, и државниот министер за земјоделство, рибарство и храна на Велика Британија, Џорџ Јустис.
На работниот состанок била разгледана и можноста за користење англиски фондови за развој во областа на земјоделството.
Двајцата министри се договориле двете држави да работат на унапредување на трговската размена со земјоделско-прехранбени производи.
Во рамки на официјалната посета на Лондон, министерот Николовски имаше средба и со претставници на англиско-македонската корпорација која е веќе регистрирана во Македонија и преку која ќе се спроведува проектот „Елисиум“, кој е од исклучително значаење за македонското земјоделство.
На состанокот се договорени деталите за имплементација на проектот, кој се однесува на трансфер на нови пракси, иновации и технологии од Англија во Македонија, во делот на земјоделското производство, конкретно за пакување и дистрибуција на храна.
Проектот ќе се фокусира на производство на земјоделско-прехранбени производи за да ги задоволи специфичните барања на оние земји во регионот кои се зависни од увоз на храна. Се очекува со овој проект да се воспостават методи кои ќе го зголемат квантитетот и квалитетот на земјоделското производство, а воедно ќе се намали користењето на вода, енергија, ѓубрива и пестициди.
Оваа компанија веќе ги разгледува можните локации кои се понудени од македонска страна и на кои би се примениле новите технологии. Проектот се очекува да придонесе за зголемување и усовршување на земјоделското производство.
Министерот Николовски, во склоп на официјалната посета, се сретна и со египетскиот амбасадор во Лондон, Насер Кемал, кој изрази подготвеност да даде поддршка за подобрување на условите за извоз на македонските земјоделско-прехранбени производи во Египет. На состанокот амбасадорот Кемал, посочи дека се подготвени да помогнат во реализација на барањето на Република Македонија за намалување на царинските давачки за македонските земјоделски производи. При тоа, договорено е наскоро Македонија да ја посети и бизнис-делегација од Египет со цел продлабочување на соработката и привлекување нови инвестиции во областа на земјоделството.
Официјалната работната посета во Лондон министерот Николовски ја заврши со средба, со извршниот директор на компанијата Thanet Earth, којашто е најголемиот производител на зеленчук во Обединетото Кралство. Инвестицијата вредна преку 120 милиони фунти, освен импресивниот изглед, нуди и голема ефикасност во земјоделското производство користејќи најнови производствени технологии, а кои што како модел може да се искористат и развиваат во македонското земјоделство