Со новиот предлог-закон за изменување и дополнување на Законот за Судскиот совет, кој е на прво читање во собраниската комисија за политички систем и односи меѓу заедниците, се предлага претседателот на Врховниот суд, кој е член на Советот, да го изгуби правото на глас со што се отстранува можноста од негово влијание врз начинот на одлучувањето во Советот.
Оваа измена е во согласност со Националната стратегија за реформа на правосудниот сектор. Со измените се предлага скратување на мандатот на претседателот на Советот од три на две години без право на повторен избор бидејќи тој е прв меѓу еднаквите и сите членови со право на глас уживаат еднакви права, обврски и одговорности како членови.
Се предвидува судијата како кандидат за член на Советот наместо како досега да ги доставува оцените за резултатите од своето работење за последните три години, да доставува оцени за последните две последователни оценувања, што всушност значи оценка добиена во работата за четири години работа како судија. Во законките измени се ограничува можноста за член на Советот што го избира Собранието да биде предложен судија или јавен обвинител кој во моментот на огласот вршат судиска или јавнообвинителска функција. Ова се предлага за да не се наруши балансот на еквивалентна застапеност на судии и истакнати правници во Советот.
Членовите на Судскиот совет ќе може да бидат времено оддалечени од вршење на функцијата член на Совет во случај кога за член на Совет е одобрен обвинителен акт за кривично дело „злоупотреба на службената должност“ и овластување во вршењето на функцијата член на Советот или друго кривично дело за кое е предвидена безусловна казна затвор од шест месеци. Се предлага одлуката да ја донесува Советот со двотретинско мнозинство на гласови од вкупниот број членови со право на глас со тоа што од седницата и од гласањето се иззема членот на Советот против кого е поведена постапката.
Со членот 11 се воведува нов член со кој се ограничува можноста член на Совет за време на траењето на неговиот мандат да биде избран за судија, избран за судија во повисок суд или за претседател на суд. Со предложеното дополнување се отстранува можноста за секој член на Советот за време на неговиот мандат како член на Совет да влијае на работата на Советот, а заради свое лично унапредување. Се создаваат можности иницијатива за поведување постапка за утврдување на одговорност на судија да биде поднесена од секој подносител кој има интерес за тоа. Досегашното решение беше ограничувачко и како подносители на барање за поведување постапка за утврдување одговорност на судија беа предвидени: член на Советот, претседател на суд или повисок суд или општа седница на Врховен суд. Новото решени што се предлага ќе овозможи секој кој има оправдан интерес да се јави како подносител на иницијатива за утврдување одговорност на судија.
Предлог-законот го уредува соодност на квалитативните во однос на квантитативните критериуми при формирањето на конечната оцена на судот на начин што се предлага истите да бидат во сооднос 60% квалитативна оценка наспроти наспроти 40% квантитативна оценка. Со членот 49 се предлага декласификација на содржината на решението за оценување на работата на судијата и претседателот на судот од причина што тие вршат јавна функција. Се предвидува подзаконските акти предвидени со законот Советот да ги донесе во рок од три месеци од денот на влегување во сила на овој закон.