Затворската управа потврди: Кољо сам се пријавил во Шутка
Никола Митревски – Кољо осомничен за настаните од 27 април и дел од групата која беше во бегство сам се пријавил во истражниот затвор Шутка – потврдија за 24 инфо од затврската управа.
Тој пристигнал сам околу 17 часот. Според обвинението, Митревски заедно со Александар Василевски – Нинџа телефонски ги контактирале обвинетите Јане Ченто, Игор Југ, Младен Додевски, Захарие Симовски, Михаил Младеновски и Дејан Давидовски Дешо, и го мобилизирале членството од другите градови за насилен упад во Собранието.
Откако Митревски добил телефонски повик во 18.58 часот, групата во која биле десетици обвинети и непознати лица со маски фантомки се упатиле кон Собранието, ја урнале и прескокнале заштитната ограда на Собранието и се обиделе со туркање, кршење и буткање насилно да ја отворат влезната врата, но не успеале поради безбедносната заштита.
Во обвинението напишано на стотина страници е наведено дека Митревски со нога го искршил стаклото од врата во Собранието и со тупаница го удрил еден од обезбедувачите, а потоа еден од началниците.