На денешната седница за пратенички прашања пратеникот Амди Бајрам од Сојузот на Ромите ги обвини аптеките дека прават малверзации со лековите бидејќи по 15 во месецот граѓаните најчесто се должни да ги плаќаат приватно. Тој праша и за ослободувањето од партиципација на граѓаните кои не се корисници на социјална помош.
– Големи манипулации и малверзации прават аптеките со криење лекови, страдаат луѓе што не можат да ги платат. Со рецепт ги нема, на приватно ги има. Аптеките станаа милијардери. Вториот ден во месецот нема пумпа за асматичари, а приватно чини 3.600 денари. Јас ќе купам, ама има луѓе со плата од 12.000 денари што не можат да ги купат – рече Бајрам.
На прашањето одговораше министерот за здравство, Венко Филипче, кој не одговори на прашањето за аптеките, но потенцира дека делумното ослободување од партиципација е само прв чекор и дека во програмата на Владата е предвидено сите малолетници да се лекуваат без партиципација со што ќе бидат опфатени околу 24.000 лица.
За аптеките се обиде да одговори премиерот Заев, но беше прекинат од потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, бидејќи Бајрам претходно рече дека е задоволен од одговорот на Филипче.