Џафери: Нема да ставам потпис место Иванов
Нема да се впуштам да ставам потпис на нечие друго име, вели претседателот на Собранието Талат Џафери за тоа дали негов двоен потпис е варијантата која ќе се користи за објавување на Законот за употреба на јазиците во Службен весник.
– Излезни решенија има, тие се анализираат. Кое ќе биде поприкладно со она што е функцијата на парламентот треба да се спроведе – вели Џафери.
Тој на брифингот со новинарите не сакаше да ги спомене кои се тие решенија и кога би се променило некое од нив велејќи дека се уште се анализираат.
Според она што го спомена на брифингот, веројатно неостварливо е сценариото за барање на импичмент на претседателот Ѓорѓе Иванов бидејќи за тоа да се случи е потребно двотретинско мнозинство во Собранието.
Меѓутоа, Џафери напомена дека според Уставот, Иванов е должен да го потпише Законот за употреба на јазиците, во спротивно како што вели, се повредува членот 8 од Уставот цо кој е направена поделба на законодавната, извршната и судската власт.
– Според поделбата на власта претседателот спаѓа во извршната. Ни по еден основ тој не може да се вклучи во законодавната. Ниедна власт не може да го спречи законодавниот дом да носи закони – потенцира претседателот на Собранието.