Скопје, 29 март 2018 . Кривичниот суд на денешното рочиште донесе решение главната расправа по предметот „Трезор“ да се одложи за 17 мај поради немање одговор на барањата за екстрадицијата на второобвинетиот во овој случај Горан Грујевски.
Судот го задолжи адвокатот на Грујевски, Петар Василев уредно да достави потврда или полномошно од обвинетиот или потесното семејство за негово застапување.
Василев пред Судот образложи до каде е постапката по барањето аа екстрадиција на Грујевски и оти тој предмет е во жалбена постапка пред Врховниот суд во Атина за кој е закажано рочиште на 27 април. Рече дека во најскоро време се очекува да има правосилна одлука по барањата за екстрадиција на Грујевски од Грција.
На денешното рочиште дојдоа првообвинетиот во овој случај, поранешниот директор на УБК Сашо Мијалков, поранешниот шеф на неговиот кабинет Тони Јакимовски и поранешниот помошник-министер во МВР Небојша Стајковиќ.
Мијалков, Јакимовски, Стајковиќ и Грујевски се товарат за злоупотреба на службената положба и овластувања и предизвикување штета на Буџетот во висина од 862.045 евра за набавката на електронско-комуникациска опрема за потребите на Петтата управа при УБК и обука за нејзино користење од фирма од Велика Британија.