Мицкоски: Од мај со протести ќе го туркаме Заев
Претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, синоќа од скопско Сопиште порача дека ВМРО-ДПМНЕ во мај ќе започне протести за уривање на власта на Зоран Заев.
„Јас и денеска му кажав следниот пат да не се мачи да ме става во кругчиња, во мај, еве уште од сега му кажувам, немој да ме ставаш ниту во кругчиња, ниту во квадратчиња, повторно ќе бидам со народот и од мај заедно со народот ќе тргенеме и ќе те урнеме и ќе ти го покажеме вистинското место на темната страна на историјата“, рече Мицкоски.
На својот Фејсбук профил после посетата на Сопиште, Мицкоски напиша: „Штотуку завршив со средба на граѓани и партиски членови во Сопиште. Денес, Македонија се соочува со едно заедничко зло кое граѓаните ги обединува, ги прави посилни и помотивирани да успееме да ја поразиме власта, да ги поразиме оние кои нашата држава ја осиромашуваат, ја одземаат перспективата и иднината на младите, ја уништуваат економијата на дневна основа. Денес видовме како се пофали Владата со проекти и патишта кои се проектирани и за кои се обезбедени средства од владата на ВМРО-ДПМНЕ. Тоа значи дека 10 месеци ништо не работеле од владата и исто толку време изгубиле за проектите важни за граѓаните. Како никогаш досега нашата земја се наоѓа пред предизвици, а овие предизвици, истата таа загриженост ја споделуваат и нашите граѓани од Сопиште. Таму велат единствениот наш остров на надеж е општината, додека Владата го има заборавено ова место. Тоа не смее да биде така, не смее граѓаните да стравуваат за иднината. Македонија мора да биде дом на среќни граѓани со извесна и стабилна иднина. Македонија заслужува подобро!“.