Сеул, 29 март 2018 (МИА) – Високи официјални претствници на Северна и Јужна Кореја почнаа преговори во демилитаризираната зона Панмунџон, за да ја подготват средбата меѓу лидерите на двете земји Ким Џонг-ун и Мун Џе-ин, предвидена за април.
Сегашните преговори треба да го одредат датумот и местото на самитот, на кој ќе се направи обид да се надмине затегнатоста околу ракетната и нуклеарната програма на Северна Кореја.
Денешните разговори доаѓаат по ненадејната посета на севернокорејскиот лидер на Пекинг, каде се сретна со кинескиот претседател Си Џинпинг, со цел координација и зајакнување на позициите на двете земји пред планираните средби на Ким со јужнокорејскиот претседател Мун и со претседателот на САД, Доналд Трамп.