Синот на Мијалков куртули од обвинение за крвавиот четврток
Со обвинението за настаните од крвавиот четврток не е опфатен синот на ексдиректорот на УБК, Сашо Мијалков, Јордан Мијалков, кој беше фотографиран критичната вечер на 27 април во Собранието, дознава „Макфакс“. Според прес-конференцијата на Дамјан Манчевски од СДСМ, на која во април 2017 година беа споделени и фотографии од лицата кои влегоа во Собранието, Јордан Мијалков бил еден од првите кои се нашле во собраниската зграда. Тој во октомври 2017 година беше на распит во полициската станица во Кисела Вода да даде исказ за настаните од 27 април на барање на Обвинителството за организиран криминал и корупција, кое го води предметот. Кривично за крвавите настани од 27 април нема да одговара ниту синот на Амди Бајрам, Аднан Мемед, кој беше фотографиран како стои пред полицајците.
Дамјан Манчевски на прес-конференцијата рече: „Овој насилник лево на оваа фотографија е Аднан Мемед, шеф на кабинетот на Елвис Бајрам, градоначалникот на Шуто Оризари и син на Амди Бајрам. Го има по балови со Сашо Мијалков“. За фотографијата која беше споделена на прес-конференцијата, Аднан Мемед изјави дека во Собранието влегол на повик на пратеникот Амди Бајрам, кој наводно побарал помош бидејќи имал здравствени проблеми и му била неопходна придружба. „Во моментите кога се случија немилите настани, јас и мојата придружба не знаевме каде се наоѓа пратеникот, односно во која просторија. До моментот додека го лоциравме, бидејќи распоредот на просториите во Собранието не ми е познат, очигледно сум фотографиран. Но, видно од фотографите јас немам активно учество во настаните, но само како се движам по скалите“, изјави тогаш Мемед. Oд обвинение за 27 април куртулија и Предраг Петрушевски-Бинго, Митко Михајловски- Џачката, Андреј Илиев, кои исто така беа фотографирани во Собранието.
Извор: Макфакс