Американската автомобилска компанија Тесла ќе банкротира во рок од четири месеци ако нејзиниот главен извршен директор, Илон Маск, “не го извади зајакот од шапката”.
Тоа предупредување го даде Џон Томпсон, менаџер на хеџ фондот “Вилас Капитал”.
“Компаниите треба еднаш и да профитираат, но јас не гледам дека се случува овде. Ова е една од најлошите изјави за приходи што некогаш сум ги видел, и помеѓу приказните и финансиите, финансиите ќе победат во овој случај”, рече Томпсон.
Томпсон управува со 25 милиони долари, а кратката позиција која ја има во Тесла е најголемата инвестиција на фондот. Со години, се обложува против производителите на електрични автомобили.
Во април минатата година, акциите на Тесла се зголемија на рекордно ниво од околу 300 долари и продолжија да растат до 389,61 долари. И покрај ова, фондот на Томпсон успеа да оствари добивка од 65 проценти за една година.
Оттогаш, Тесла падна нагло и Томпсон е сигурен дека неговиот облог ќе победи.
Менаџерот на хеџ фондот вели дека ако неговите предвидувања се остварат, неговиот фонд може да се зголеми за уште 50 проценти. Тој истакна дека инвестирал 500.000 долари од свои пари.
“Тесла е без сомнение на работ на банкрот”, им изјави Томпсон на клиентите по електронска пошта. Тој објасни дека ќе биде тешко да се најдат средства, ако се земе во предвид загриженоста во врска со испораката на модел 3, намалената побарувачка за моделот S и X а можеби намален кредитен рејтинг од страна на Мудис, од Б- на CCC.