Доколку сакате да патувате со своето дете сами, без другиот родител, најдобро е да понесете со себе писмена дозвола од другиот родител. Иако законската регулатива не налага дека на родителите им е потребна таква согласност, граничните служби имаат право да ја побараат ако нешто им е сомнително.
Искуствата на родителите од земјава кои патувале сами со децата без нивниот партнер се различни. Додека едни велат дека на ниту еден гранчен премин не им се случило надлежните служби да им побараат таква согласност, други имале непријатно искуство кога полицијата на граница изрично им барала да покажат таков документ и не им дозволувала да ја преминат.
Кога станува збор за оваа проблематика, законската регулатива во Македонија предвидува дека на родителите не им е потребна таква согласност доколку малолетното дете патува со еден од родителите. Со оглед на тоа дека за детето да добие патна исправа потребно е присуство на двајцата родители, се смета дека со тоа двајцата дале согласност детето да патува во странство и само со еден од нив. Сепак, ваква согласност е неопходна ако детето патува само или во придружба на некое трето лице, како што се роднини, наставници, спортски тренери и сл.
Одобрение за патување во странство може да се извади во подрачните единици на МВР, при што мора да се присутни двајцата родители, да го дадат на увид изводот од матичната книга на родени на детето и нивните лични карти. Изјава дека детето може да патува преку граница само со еден родител може да се завери и на нотар, во присуство на двајцата родители.