Порно ѕвездата Сторми ја изгуби првата правна битка со Трамп

Судот го одби првото барање на порно ѕвездата Сторми Даниелс за предвремено сведочење на претседателот на САД Доналд Трамп по нејзиното тврдење дека имале сексуална врска.

 

Судија во Калифорнија го одби барањето со образложение дека е премногу рано, со оглед на тоа дека уште нема формален одговор од адвокатскиот тим на Трамп.

Адвокатот на Даниелс бараше сведочење под заклетва од претседателот за наводниот „договор за замолчување“.

Актерката тврди дека имала сексуална врска со Трамп во 2006 година. Тој ги негира ваквите тврдења.

Даниелс бараше сослушување на сведок зад затворени врати под заклетва што подоцна може да е искористи како доказ на судење.

Нејзиниот адвокат Мајкл Авенати, кој бара сведочење под заклетва и од адвокатот на Трамп, рече дека планира повторно да го поднесе истото барање најрано што може.

Претставници на Претседателот не ја коментираа ситуацијата.

Сторми, чие вистинско име е Стефани Клифорд, тврди дека во октомври, 2016 година, неколку дена пред претседателските избори во САД, ѝ било дадено да потпише договор за молчење во врска со наводната афера, во замена за 130.000 долари.

Таа тврди дека договорот е неважечки бидејќи Трамп никогаш не го потпишал. Адвокатот на Трамп, Мајкл Коен, ја тужи неа за кршење на договорот откако Клифорд јавно проговори за наводната афера со претседателот. Тој од неа бара отштета од 20 милиони долари.

Треба да знаете
Последни објави