Изјавата на Иско Аларкон по сензационалната победа на Шпанија над Аргентија крена голем прав во шпанската спортска јавност, од едноставна причина што феноменалниот играч за врска направи една неочекувана споредба за тоа колку подобро се чувствува во селекцијата отколку во Реал Мадрид.
Иско со својата изјава алудираше на тоа дека добива многу повеќе доверба и слобода од страна на селекторот Хулен Лопетеги, а иако во ниту еден момент не го нападна Зидан и порача дека ќе мора самиот да се потруди за да ја придобие довербата од Французинот, денеска тренерот на Реал Мадрид даде одговор на оваа актуелна тема во јавноста.
Во пресрет на дуелот со Лас Палмас во Примера, Зидан даде коментар за контроверзната изјава на Иско, порачувајќи дека тој е многу важен играч за тимот и дека ќе остане во Реал Мадрид.
– Не сум неправеден кон Иско, а и тој не спомна такво нешто. Тој е среќен во Реал, единствено тука ја нема таа улога каква што ја има во репрезентацијата. Јас секогаш сум му покажувал и порачувал дека е важен за тимот. Јас морам да направам избор за секој меч, но тој е многу важен играч за нас. Секој може да ги интерпретира зборовите како што сака, но јас не сум лут од тоа што тој го кажа. Тој е играч на Реал Мадрид и ќе остане тука. Иско е играч кој многу ми се допаѓа, сакам сите од актуелниот состав да останат во тимот, – порача Зизу.