Седумнаесетгодишна девојка синоќа беше најдена со прострелна рана од огнено оружје во Тотенхем, северен Лондон. Итната служба само ја констатирала смртта на самото место.
Еден час претходно 16-годишно момче било најдено со прострелна рана во Валтамстоу, а 15-годишно момче со повреди од бодење.
Вооружените инциденти се случија во време кога постои загриженост дека стапката на криминал во главниот град на Велика Британија вртоглаво расте. Полицијата засега не знае дали инцидентите се поврзани.
Полицискиот кордон уште е поставен во Шалгроув Роуд во близина на Нортамберленд Парк каде била констатирана смртта на девојката во 22 чаот и 43 минути.
Локална жителка која побара да остане анонимна, изјави дека слушнала неколку истрели што звучеле како „експлозија на бомба“.
„Тука живеам 40 години, а изминативе неколку години населбава се претвора во не толку фино место. Има многу дрога, напади со нож, убиства“, вели таа.
Девојката е идентификувана и известени се нејзините најблиски.
16-годишното момче било префрлено во болница во источен Лондон и е во критична состојба, а 15-годишното момче со рани од бодење исто така е во болница.
Полицијата води истрага за инцидентите и уште нема уапсено, ниту приведено