Советот за следење на имплементацијата на стратегијата за реформи на правосудниот сектор, вчера попладне ја одржа својата втора седница. По усвојувањето на записникот од Конститутивната седница, Советот го усвои и Деловникот за работа.
„Членовите на Советот своите дебати на втората седница ја насочија кон предлог – законите за судовите и за Судскиот совет, за кои што заменик министерот за правда, Оливер Ристевски, појасни дека веќе в среда, после празниците, пратениците во Собранието на РМ ќе расправаат по предложените измени“, информира владината прес-служба.
Во дискусиите на членовите на Советот, како што стои во соопштението, акцент бил ставен на предложените законски одредби кои се однесуваат на одговорноста на судиите, како и на предложените членови во предлог законот кои се однесуваат на нивната заштита, а се со цел да се постигне што поголема независност на судството и враќање на дигнитетот на судиите.
„Заложбите на членовите на Советот за реформи е во склад со извештајот на Прибе, а во кој се сугерира судиите да се оценуваат исклучиво врз основа на донесените пресуди. Членовите на советот имаа одредени забелешки и за предлог-законот за Судски совет на Република Македонија“, се вели во соопштението.
На вчерашната, втора седница на Советот присуствуваа и претставници на ОБСЕ кои најавија нивно редовно присуство и поддршка и во наредниот период.