Министерот за транспорт и врски, Горан Сугарески, и директорот на ЈП за државни патишта, Зоран Китанов, денеска извршија увид во градежните работи на експресниот пат Штип – Кочани.
„Должината на овој нов патен правец изнесува 28 километри и предвидена е изградба во две фази. Во тек е изградба на првата фаза од Штип до Крупиште во должина од 14,3 километри, инвестиција со вредност од преку 20 милиони евра. При изградбата на оваа фаза наидовме на состојба која создаде потешкотии при реализацијата на проектот, меѓутоа полека успеваме да ги надминеме и во моментов вкупниот прогрес на градежните работи изнесува 20 отсто“, рече Сугарески.
Што се однесува на втората фаза од Крупиште до Кочани, тој информираше дека во тек е одобрување на тендерската документација.
„Источниот регион е токму оној во кој се предвидени најголеми инвестиции во изградба и реконструкција на патната мрежа. Тука ќе реализираме инвестиции од околу 300 милиони евра во изградба на автопати, два експресни патишта и реконструкција на регионалните патишта“, рече Сугарески.