Комби се заби во пешаци, нов напад во Германија
Најмалку три лица загинаа, а неколку десетици се повредени во германскиот град Минстер откако камионет влета во група пешаци, јавуваат германските медиуми.
Како што се наведува, полицијата потврди дека има жртви, а се претпоставува дека станува збор за намерен напад. Според портпаролот на полицијата Андреас Боде, шест од 20-тината повредени се наоѓаат во критична состојба.
Напаѓачот на лице место се убил со огнено оружје, соопшти полицијата.
Билд јавува дека полицијата добила информации дека, покрај возачот, во комбито биле уште две лица кои избегале по нападот.
Полицијата соопшти дека во комбито бил најден „сомнителен предмет“ за кој се проверува дали е опасен.
Делот од стариот град, во кој се случи трагедијата, е затворен. Жртвите се наоѓале во бавча на ресторан во близина на катедралата.
Нападот се случи во раните попладневни часови, кога на улиците на Минстер имало голем број минувачи, но и туристи, сѐ до моментот кога комбито почнало да се приближува со голема брзина.
Од жителите на Минстер е побарано да ја избегнуваат областа каде што се случи инцидентот.