Потребно е координирано дејствување на единиците на локалната самоуправа и централната власт, но и поддршка од меѓународната заедница за решавање на горливите проблеми на Ромите во општеството, порача министерката за труд и социјална работа, Мила Царовска, која присуствува на „Недела на Ромите“, настан кој се одржува од 8 до 11 април во Брисел по повод меѓународниот Ден на Ромите.
Царовска имаше свое обраќање на доделувањето на наградите за најуспешни локални самоуправи од западноевропските земји.
„Само со координирана соработка на локалната и централната власт, но и со поддршка од меѓународната заедница за решавање на горливите проблеми на Ромите во општеството може да го подобриме економскиот и социјалниот статус на Ромите. Владата на Република Македонија има соодветни политики кои треба трајно да ги решат наталожените проблеми со кои се соочуваат овие наши граѓани“, истакна Царовска во своето обраќање.
Таа исто така беше панелист на сесијата посветена на повратниците во западноевропските земји и на презентацијата на резултатите од студијата и истражувањето за Ромите од Западен Балкан. Во рамки на својата посета министерката Царовска оствари средби со директорот на Директоратот за проширување, Кристијан Даниелсон, со заменик-директорот на Директоратот, Катерина Матернова, и со пратеничката во Европскиот парламент, Сораја Пост.