На дневниот ред на денешната седница Владата на РМ ќе ја разгледа информација во врска со потпишувањето на Меморандумот за разбирање меѓу Министерството за економија на Република Македонија и Министерството за енергетика на Република Бугарија за спојување на ден-однапред пазарите на електрична енергија.
Една од целите на оваа иницијатива е Македонија да се приклучи на внатрешниот пазар на електрична енергија во Југоисточна Европа со цел на учесниците на пазарот да им се понудат нови деловни можности и прекугранична трговија за постигнување ефикасност, конкурентни цени и повисоки стандарди за услуги.
Ќе биде разгледана и информацијата за постапување по обраќањата и препораките на Народниот правобранител упатени до Владата, органите на државната управа, други органи и организации што имаат јавни овластувања, во октомври, ноември и декември 2017 година.
Министрите во Владата на седницата ќе се произнесат и по предлог-законот за изменување и дополнување на Законот за вработување на инвалидни лица.
На предлог на Министерството за финансии, на денешната седница ќе се разгледа и предлог-решението за формирање Комисија за следење на развојот на системот за финансирање на општините.
Се очекува Владата да го даде своето мислење за предлозите за измени и дополнувања на законските решенија за технолошките индустриски развојни зони, и за Законот за здравјето на растенијата, кои доаѓаат како предлози од Собранието, кое од оваа седница очекува и мислење од Владата за годишниот извештај за работењето на Дирекцијата за заштита на личните податоци за 2017 година.
Од годишните извештаи на денешната седница на Владата ќе биде разгледан и годишниот извештај за работата на Управата за финансиско разузнавање во 2017 година.
На денешната, 63. редовна седница на Владата ќе бидат разгледани и повеќе други точки на дневниот ред од интерес на граѓаните и од програмата за работа на Владата.