Информативна сесија за Законот за работни односи
Во Кочани денеска ќе биде одржана информативна сесија на тема „Права и обврски кои произлегуваат од Законот за работни односи“, во рамките на проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“.
Проектот е имплементиран од ЕПИ ЦЕНТАР Интернационал и четирите клучни партнери: Стопанската комора на Македонија, Стопанската комора за информатички и комуникациски технологии – МАСИТ, Стопанската комора на северозападна Македонија и Сојузот на Стопански Комори на Македонија.
Информативната сесија, што ќе започне во 11.00 часот во ресторанот „Амор“, ќе биде деветтата од вкупно предвидени десет сесии.
Информативната сесија ќе биде разработена од страна на искусен предавач по што ќе се одвива дискусија со присутните на тема „Приоритетни прашања и проблеми за промена на Законот за работни односи“.
Проектот на УСАИД „Партнерство за подобра бизнис регулатива“ е четиригодишен проект, во вредност од 1.9 милиони долари, кој има за цел да ги адресира темите од областа на бизнис регулатива кои се неповолни и предизвикуваат притисок на малите и средни претпријатија (МСПа) да бидат усогласени со комплексните регулативи.
Активностите на проектот вклучуваат серија на анализи на моменталните регулаторни и правни барања кои ги загрижуваат МСПа-та, како и воспоставување на механизми за јавно – приватен дијалог кои би се користеле за предлагање на реформи на регулаторната рамка.