Премиерот Зоран Заев најави до крајот на април завршување на рекострукцијата на Владата преку која ќе бидат променети министри и директори кои не постигнале успех во работењето во изминатиот период.
„Очекувам реконструкција да резултира со зголемување на парламентарното мнозинство и да се промени она што немало прогрес. Ако немало прогрес, нормално е да има промена на кадри. Сето тоа е анализа на органите. Штом ќе имам ставови, ќе ги соопштам“, изјави премиерот Зоран Заев по излегување од кривичниот суд, каде што се одржа рочиште за „Поткуп“.
Тој рече дека не е вистина дека СДСМ ќе го добие Министерството за правда во замена за Министерството за образование.
„За нас водилка е само профисионалниот аспект на личноста. Сите места кои се празни ќе се пополнат со реконструкцијата. До крајот на април ќе бидеме комплетни со пополнување на празните места и реконструкцијата на владата, а очекувам поддршка од Собранието“, рече Заев.
Според мое убедување, додаде тој, подобро ќе беше опозицијата да се вратеше во Собранието велејќи дека тоа е поради реформите, а не вака.
Премиерот Заев смета дека опозицијата во парламентот значи многу за граѓаните, но и за власта.