Полициски службеник од Кочани при спроведени посебни истражни мерки е фатен во недозволена продажба на дрога – марихуана по што од страна на јавен обвинител му е одредена мерка притвор од 30 денa.
Како што соопшти Јавното обвинителство на РМ, надлежниот јавен обвинител од Основното јавно обвинителство Кочани издаде Наредба за спроведување истражна постапка против едно лице – полициски службеник на кој му се става на товар дека сторил кривично дело – Неовластено производство и пуштање во промет наркотични дроги, психотропни супстанции и прекурсори од чл.215 ст.1 од Кривичниот законик.
„Врз основа на претходни сознанија и примена на посебни истражни мерки, на 11-ти овој месец во Кочани по наредба на јавен обвинител од страна на Министерството за внатрешни работи е спроведена акција во која е фатен полициски службеник при продажба на 26,2 грама дрога – марихуана. Осомничениот е задржан во Полициската станица во Кочани и во текот на вчерашниот ден е изведен пред судија на претходна постапка“ вели соопштението од Јавното обвинителство.
Имајќи ги предвид околностите, тежината на кривичното дело и запретената казна од три до десет години затвор, надлежниот јавен обвинител, се наведува, оцени дека се исполнети условите за определување на мерка притвор од член 165 став 1 т.1, 2 и 3 од Законот за кривична постапка.
„Од тие причини, до судијата на претходна постапка при Основниот суд Кочани во текот на вчерашниот ден, јавниот обвинител поднесе Предлог за определување мерка – Притвор кој е прифатен и со Решение на осомничениот му е изречен притвор во траење од 30 дена“, стои во соопштението од Јавното обвинителство на РМ.