ГДУ: Ја поддржуваме Владата за Македонија да биде една изборна единица
Граѓанско демократската унија (ГДУ) ја поздравува намерата на Владата на Република Македонија да разговара за промена на бројот на изборните едници и земјава следните парламентарни избори да претставува една изборна единица.
„Ги охрабруваме политичките партии и граѓанските организации активно да се вклучат во најавениот процес за промени во изборниот процес, во насока на целосна професионализација на Државната изборна комисија.
Без оглед на форматот според кој би се одвивал најавениот процес, ГДУ има намера пред јавноста да ги афирмира своите ставови по ова прашање.
Македонија да претставува една изборна единица, листите со кандидати да бидат отворени, а не утврдени од партиските раководства и Државната изборна комисија да работи според законските прописи, а не да претставува партиски форум“, се наведува во соопштението.
Од ГДУ велат дека ова прашање е високо на нивната агенда.
„Ако политичките партии во една таква расправа не се подготвени себе си да се демократизираат и реформираат, следсвено, немаат никакво морално право да тврдат дека се способни да го реформираат општеството и унапредат демократијата во земјава.
ГДУ недвосмислено стои на ставот дека јавноста мора да може да влијае на партиските програми, поведение и реализација на обврските преземени пред истата јавност.
Улогата и влијанието на пошироката јавност во партиското делување во Европа е тренд кој само се унапредува ( прелиминарните избори на пример) учеството на граѓаните во политичкиот живот, при носењето решенија ( на локално и национално ниво) се придобивки со кои се бранат граѓанските и другите права, пред партиските интереси“, соопшти ГДУ.
ГДУ обрнува внимание дека овој процес, не е, и не смее да биде во функција на меѓупартиски договарања и надмудрувања, туку процес кој треба да резултира со изборен модел кој ке содржи механизми за јавно, граѓанско влијание како фундаментална алатка за контрола и корекција на обидите за понатамошна партизација на државните институции.