СПМ на Ѕинго му сврте грб на ВМРО-ДПМНЕ
Социјалистичката партија на Македонија му го сврте грбот на својот долгогодишен коалиционен партнер ВМРО-ДПМНЕ кога денеска пратениците од оваа партија Владанка Авировиќ и Љупчо Димовски му помогнаа на владејачкото мнозинство да обезбеди кворум за одржување на денешната 45. седница.
Кога пратениците од опозицијата увидоа дека владејачкото мнозинство нема да обезбеди кворум за седницата, тие ја напуштија салата на Собранието, но пратеникот Димовски одби да го стори тоа, а пратеничката Авировиќ првично излезе од пленарната сала заедно со пратеници од ВМРО-ДПМНЕ, но потоа се врати, со што го обезбеди потребниот кворум од 61 пратеник за почнување на седницата.
Дали со ова на повидок е приклучување на Социјалистичката партија на Македонија кон владејачкото мнозинство во рамките на реконструкцијата на Владата што ја најави премиерот Зоран Заев. Ова е втор чин на пратениците од СПМ со кој индиректно ги искажуваат симпатиите кон владејачкото мнозинство. Авировиќ и Димовски исто така не ја потпишаа интерпелацијата на Владата, која пред неполн месец се најде во Собранието на РМ.