Матурските прослави го цедат семејниот буџет
Времето на подготовките за матурските прослави секоја година еуфорично се доживува. Се мора да биде испланирано и стокмено до последниот детаљ, а при тоа за цена не се прашува. Без оглед на паричната моќ, родителите даваат максимум за да ги исполнат желбите на матурантот. Да се има матурант во домот, значи да се биде подготвен на дебели сметки за се и сешто.
Проценките се дека за трошоци за матурската прослава одат од 1000 до 1.500 евра. Тука влегува свечената гардероба, по која се трага и во други градови, па и во странство, потоа прославата за роднините и пријателите, како и целосното дотерување на изгледот… И тоа е сума за да се истера една поскромна матура, додека полуксузните тежат многу поголеми пари.
Трговците тријат раце. Матурските фустани се продаваат по цени од стотина евра па нагоре, а пари плус се трошат за чевли, накит, чанта, шминка, фризура. И за машките матуранти трошокот не е мал. Отприлика и нивното дотерување чини 300-400 евра.
Дополнително се издвојуваат пари за подароците кои матурските партнери си ги разменуваат, а сумата зависи од самите нив, дали ќе се одлучат за некој полуксузен подарок или симболичен.
Поголемиот дел од семејствата не можат да го издржат финансискиот удар од матурите, влегуваат во долгови, ги празнат кредитните картички, земаат потрошувачки кредити, се за да овозможат незаборавни матурски ноќи за своите деца.